Недела дваесет и петта по Педесетнница

г. Јосиф, Митрополит Тетовско-гостиварски 26.11.2017 г. Гостивар

Слава Му на Бога за сѐ!

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

 

Кога ќе слушнете за постот, не плашете се од него како од страшен војвода: тој не е страшен за нас, туку за лошите духови...

 

Драги браќа и сестри,

Овие охрабрувачки зборови за постот ги изговорил најголемиот проповедник на Црквата, светиот Јован Златоуст, чиј спомен денес го празнуваме. Тој се родил во Антиохија во 354 година, од татко Секунд и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија Јован се згнасил од грчкото незнабоштво и ја усвоил христијанската вера како едиствена и целосна вистина. Крштение примил од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примиле Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонашил и почнал строго да се подвизува. Тогаш ја напишал книгата „ За свештенството“ и тогаш му се јавиле Светите апостоли Петар и Јован и му прорекле голема служба, голема благодат, но и големо страдање. Кога требало да биде посветен за свештеник се јавил ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагал, сите виделе светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, бил избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управувал со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испратил мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотрел симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја раширил милосрдната дејност на Црквата; напишал посебен чин на Светата Литургија; ги посрамил еретиците; ја изобличил царицата Евдоксија; Светото Писмо го растолкувал со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу драгоцени книги со неговите беседи. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испратила во прогонство. Во прогонство поминал три години и се упокоил на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта повторно му се јавиле апостолите Јован и Петар, а и Светиот маченик Василиск (под 22 мај), во чијашто црква ја примил Светата Причест. „ Слава Му на Бога за сѐ!“ , биле неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх заминала во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во Успенскиот храм во Москва, а телото во Ватикан во Рим.

Почитувани верници,

Од вторник започнува Божикниот пост, кој трае 40 дни, сè до големиот празник Рождество Христово – Божиќ. Поради тоа чувствувам потреба да проговорам за постот, кој заедно со молитвата ни се голем дар Божји, без кои за нас луѓето нема обожување и спасение. Затоа и Христос, вели: Овој род се истерува само со пост и молитва... (Матеј 17,21), а свети Василиј Велики, нè советува: Примете го постот со радост. Примете го, сиромашни својот другар. Прмете го, слуги, вашиот одмор. Примете го, богати, постот кој ве спасува од опасноста на прејадувањето и го прави вкусно тоа што од постојана употреба станува невкусно. Романскиот Патријарх Даниил, пак во своето кратко послание до верниците, ги упатува следните зборови: Прошката е добар почеток на постот. Никој не може да влезе во постот, кој е духовна борба за прочистување од гревовите и за просветлување на душата, без прошка. И сите ние од овој миг, простувајќи си, да ја започнеме таа борба и преку постот, молитвата, покајанието и исповедта пред својот духовен отец да стигнеме до Светата Причест.

Според уставот пропишан од Православната Црква овие пости се постат според ова правило: во среда и петок – строг пост; понеделник, вторник и четврток е дозволено да се употребува масло и вино, додека во сабота, недела и на големите празници е благословено и риба и вино. Исто така за оние кои се болни, за децата, старите и изнемоштените лица, како и за бремените жени – со благослов на својот духовен отец ова правило може соодветно да се ублажи. Но, ние користа од постот не треба да ја ограничуваме само на воздржување од јадење, бидејќи постот е пред сè оддалечување од зли дела. Вистинскиот пост не е само воздржување од храна од животинско потекло, туку и воздржување од жедта за матријалното и воздржување од алчноста и од егоистичката желба за владеење над другите, како ограничување на секоја мисла, збор или дејствие што ја намалува љубовта кон Бога и кон ближниот.

Апелирам до сите православни верници во овој период поактивно да се вклучат во црковно-богослужбениот живот на Црквата, почесто да бидат присутни во храмот Божји, во Коработ на спасението, во Црквата Божја, собрани во послушание и доверба кон епископот и свештенството, бидејќи таму каде што е епископот – таму е и Црквата, која е столб и тврдина на вистината.

За на крај не би ви кажал ништо повеќе, од прекрасниот одговор, кој нашиот Спасител му го кажал на младиот законик, кој го прашал: Учителе што да направам за да добијам живот вечен? – А Он му рече: „ Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси! (Лука 10,25-27). И да не заборавиме за сè , за сите знајни и незнајни работи да Му благодариме на Бога, и често да ги изговараме зборовите на златоустивиот патријарх: Слава Му на Бога за сѐ!

Амин.

За многу години нека и празникот и имајте богоугодни лесни пости!